ПРВ.мк
Балкан

ПРВА ПОРАКА ПО ПАДОТ НА ВУЧИЌ: Срдановиќ најави нова Србија и подобри односи со соседите!

ПРВА ПОРАКА ПО ПАДОТ НА ВУЧИЌ: Срдановиќ најави нова Србија и подобри односи со соседите!

По изборната победа на листата „Студентите победуваат“, нејзиниот носител Илија Срдановиќ испрати порака дека Србија влегува во нов политички период, во кој приоритет ќе бидат промените во државата и подобрувањето на односите со соседните земји.

Во интервју за црногорската телевизија „Вијести“, Срдановиќ изјави дека убедливиот изборен резултат не бил изненадување за студентското движење, бидејќи уште за време на кампањата ја почувствувале поддршката од граѓаните.

Според него, директните разговори со населението биле клучни за подготовката на изборната програма.

„Преку директни средби лице в лице го чувствувавме пулсот на нацијата. Граѓаните ни кажаа што им недостасува, а ние тоа го вградивме во нашата платформа. Знаевме дека исходот ќе биде токму ваков“, изјави Срдановиќ.

Особено внимание привлече неговата најава за подобрување на меѓудржавните односи и зајакнување на регионалната соработка.

„Ние ќе изградиме подобра Србија, за доброто на нашите граѓани и за подобрување на меѓудржавните односи. Ви благодарам на сите“, порача тој.

Според конечните проекции на ЦеСИД и Ипсос, врз основа на обработен примерок од 96 проценти, Студентската листа освоила 140 од вкупно 250 пратенички места, додека листата „Обединета Србија“, предводена од блокот на Александар Вучиќ, добила 103 мандати.

Со ваквиот резултат, студентското движење би имало самостојно парламентарно мнозинство, бидејќи за формирање мнозинство во српското Собрание се потребни најмалку 126 пратеници.

Изборниот пресврт отвора нови прашања за идната политика на Белград, особено во односите со соседните држави и меѓународната заедница.

Дали најавите на Срдановиќ ќе се претворат во конкретни политички промени, ќе покажат одлуките на новото раководство во периодот што следува.