Триесет и шестгодишна американска туристка трагично го загубила животот во италијанските Доломити, откако се лизнала и паднала во провалија длабока околу 300 метри, додека се обидувала да стигне до место со панорамски поглед за да направи фотографија.
Несреќата се случила на 17 октомври, во близина на Форчела Пордои, на надморска височина од приближно 2.750 метри.
Жртвата е идентификувана како Михаеле Алехандра Рубио Леива (36), туристка од Флорида, која била на одмор со своето семејство.
Според италијанските медиуми, таа била дел од туристичка група која пешачела кон станицата на жичницата што води до познатиот панорамски ресторан на врвот Сас Пордои.
Се претпоставува дека во еден момент ја напуштила обележаната патека за да стигне до место од кое сакала да фотографира. На изложениот планински терен се лизнала и паднала во бездната.
Најпотресно е што несреќата се случила пред очите на нејзината сестра, која беспомошно го набљудувала падот.
Околу пладне, очевидци ги известиле итните служби, по што веднаш биле ангажирани планински спасувачи и хеликоптерска екипа.
Спасувачите брзо пристигнале на местото на несреќата, но лекарот можел само да ја констатира смртта на туристката.
Со хеликоптер најпрво било евакуирано нејзиното семејство до Канацеи, а потоа било извлечено и телото на загинатата жена.
Трагичниот случај уште еднаш потсетува на опасностите од напуштање на обележаните планинарски патеки, особено на стрмни и изложени планински терени.










