Вишото јавно обвинителство во Белград излезе со итно соопштение во кое ги предупреди сите учесници во изборниот процес дека насилството и нарушувањето на јавниот ред и мир нема да бидат толерирани.
Од Обвинителството посочуваат дека внимателно ја следат безбедносната состојба во српската престолнина за време на парламентарните избори, истовремено координирајќи ги активностите на основните јавни обвинителства и полицијата.
Целта, како што наведуваат, е изборниот процес да помине мирно, демократски и во согласност со Уставот и законите на Србија.
Обвинителството упати повик до сите политички актери и учесници во изборите да ги намалат тензиите и да се воздржат од какво било непримерно или насилно однесување.
Во соопштението се нагласува дека сите пријави за евентуални изборни нерегуларности се разгледуваат во најкраток можен рок, со цел да се утврди дали постојат елементи на кривични дела поврзани со изборното право.
Посебно се истакнува дека изборната волја на граѓаните е неповредлива и дека сите политички субјекти имаат обврска да ја почитуваат.
Од Обвинителството апелираат учесниците во изборниот процес да не ги прогласуваат или оспоруваат резултатите пред официјалното објавување на конечните податоци од надлежните институции.
„Изборната волја на граѓаните на Србија е неповредлива и мора да биде почитувана“, се наведува во пораката.
Надлежните институции најавуваат дека ќе постапуваат согласно законот при секој обид за нарушување на јавниот ред и мир, како и при евентуални насилни инциденти пред, за време и по изборниот ден.
Од Обвинителството порачуваат дека зачувувањето на мирот и почитувањето на демократската процедура се од клучно значење за законито спроведување на изборите.







