ПРВ.мк
Балкан

Се огласија студентите во блокада, еве што порачаа

Се огласија студентите во блокада, еве што порачаа

Во екот на изборниот ден во Србија, кога пред голем број гласачки места се забележуваат долги редици и голема излезност, студентското движење „Студенти во блокада“ испрати порака до граѓаните преку социјалната мрежа Икс.

Студентите им се заблагодарија на гласачите за трпението и ги повикаа да не ги напуштаат редиците, нагласувајќи дека, според нив, победата никогаш не била поблиску.

„Драг народе, ви благодариме за трпението што го покажавте досега. Победата, благодарение на вас, никогаш не била поблиску“, се наведува во нивната објава.

Во пораката студентите потсетуваат дека две години истрајувале во надеж дека ќе дојде денот кога граѓаните ќе можат да ја изразат својата волја на изборите.

„Две години истрајувавме во надеж дека овој ден ќе дојде. Чекавме трпеливо и достоинствено. Веруваме дека секој ден и секоја минута чекање вредеа. Ве повикуваме сега да почекаме уште малку“, порачаа студентите.

Тие упатија и дополнителен апел до гласачите кои чекаат пред избирачките места.

„Не се откажувајте – редиците можеби се долги, но нашата волја е посилна. Ви благодариме што покажувате дека за иднината на Србија не одлучува никој наместо вас, туку одлучувате ВИЕ“, се наведува во објавата.

Студентското движење, кое во изминатиот период се позиционираше како значаен политички фактор, преку својата изборна листа претставува еден од главните предизвикувачи на владејачката коалиција на Александар Вучиќ.

Пораката беше објавена во време кога во повеќе делови на Србија се бележеше висока излезност, а граѓаните чекаа во долги редици за да го остварат своето избирачко право.

Гласачките места треба да бидат затворени во 20 часот, по што се очекуваат првите информации за изборните резултати.