Во изминатите 24 часа на територијата на Македонија биле евидентирани 30 пожари на отворен простор, од кои шест сè уште се активни, пет се ставени под контрола, а 19 се целосно локализирани, соопшти Центарот за управување со кризи.
До 7:30 часот активни остануваат пожарите во атарите на Грачани и Никиштани во Општина Ѓорче Петров. Огнот таму зафатил и шумски појас кој се протега кон територијата на Косово.
Активен пожар е регистриран и во близина на Белица, во месноста Кајорец, во правец кон Брезница и репетиторот, во Општина Македонски Брод. Таму гори нискостеблеста и мешана шума.
Пожар има и во месноста Рамно, кај селото Брест во Општина Чучер-Сандево, каде што е зафатена мешана шума.
Во Општина Кичево се активни два пожара. Едниот е во близина на Кнежино и Добреноец, каде што гори нискостеблеста шума, додека вториот е кај Тајмиште, на локалитетот Дарда, каде што е зафатена ниска вегетација.
Уште еден активен пожар е регистриран кај селото Стиниќ во Општина Ново Село. Таму огнот зафатил мешана шума и ниска вегетација.
Под контрола се пожарите кај Буринец, Локов и Селци во Општина Струга, во Брезница во Општина Македонски Брод и во Копаница во Општина Сарај. Под контрола се и пожарите на депониите во Кратово и Делчево.
Во истиот период биле изгаснати 19 пожари на повеќе локации низ земјата. Меѓу нив се пожарите во Црвени Брегови, на улицата Перо Наков во Гази Баба, Милетино и Радиовце, Равен, Форино, Бедиње и Ваксинце, како и пожарите во Ротино, Ново Лагово, Тополчани, Манастирско Доленци, Подгорци, Чавкарник над Маврово, Горно Соње, Куклиш, на патниот правец Богданци–Гевгелија и во Ногаевци.
Од ЦУК информираат дека пожарите биле регистрирани на различни видови терен, вклучително ниска вегетација, стрништа, ѓубришта, пасишта, депонии, како и мешана и борова шума.









