Вработен во Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Северна Македонија е лишен од слобода, откако бил пријавен дека барал пари за посредување при вработување во Град Скопје.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Единицата за корупција при МВР поднесе кривична пријава до надлежниот јавен обвинител од ОЈО за ГОКК против Д.Ц. (49) од Скопје.
Тој се сомничи за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, согласно член 359 став 7 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Од Единицата за корупција информираат дека постапиле по претходно поднесена пријава од граѓанин, кој пријавил дека Д.Ц. му побарал пари за да посредува за негово вработување во Град Скопје.
Според пријавата, осомничениот побарал вкупно 1.500 евра, од кои 500 евра требало да ги добие како прва рата. Притоа, тој наводно кажал дека познава лица кои можат да влијаат врз постапката за вработување.
По добиената пријава, во координација со надлежен јавен обвинител, биле преземени мерки и активности за документирање на случајот.
На 4 септември 2026 година, околу 17:50 часот, на подрачјето на Скопје, пријавителот му предал на Д.Ц. пет банкноти од по 100 евра. Парите претходно биле криминалистичко-технички обработени.
При извршената контрола во службеното возило на пријавениот биле пронајдени паричните средства, а одземен му бил и мобилен телефон.
Д.Ц. бил лишен од слобода, а по целосното документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава.







