ПРВ.мк
Македонија

(ФОТО) Прв потврден случај на цревни паразити по кризата со водата во Гостивар? Пациент објави микробиолошки наод

(ФОТО) Прв потврден случај на цревни паразити по кризата со водата во Гостивар? Пациент објави микробиолошки наод

Гостиварецот Дарко Грујоски на социјалните мрежи објави микробиолошки наод според кој во неговиот измет биле пронајдени јајца од цревниот паразит Ascaris lumbricoides. Во објавата тој побара одговорност и праша кој ќе ги надомести трошоците за прегледите, лекувањето и изгубените работни денови.

Во изјава за „360 степени“, Грујоски вели дека на испитување се одлучил откако забележал крв во столицата. Тој нагласува дека не тврди оти паразитите се последица на загадената вода, туку дека постојат повеќе можни начини на заразување, меѓу кои контаминирана храна, нечисти раце или загадена вода.

Матичната докторка Симона Новеска-Сековска за „360 степени“ изјавила дека ова е првиот потврден случај со цревни паразити меѓу пациентите од Гостивар кои ги прегледала. Таа додава дека повеќе пациенти се јавиле со слични симптоми – стомачни болки, повраќање, течни столици и губење на апетит, поради што препорачала да се испитаат и членовите на семејството на пациентот.

Од друга страна, микробиологот Никола Пановски посочува дека не може да се заклучи дека паразитот е поврзан со загадената вода. Според него, јајцата од Ascaris lumbricoides не се пренесуваат директно од човек на човек, а симптомите како пролив не се типични за овој паразит.

Засега нема официјална потврда од надлежните институции дека случајот е поврзан со неодамнешното загадување на водата во Гостивар, а причините остануваат предмет на понатамошни испитувања.