Независниот синдикат на полицијата (НСП) утре ќе организира мирен марш во Битола, со кој ќе побара доследно, еднакво и неселективно спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела. Повод за маршот се последните јавни закани за тепање и убивање полициски службеници, кои, како што велат од синдикатот, сериозно ја вознемирија јавноста и ја нарушија довербата во институциите.
Маршот ќе започне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство во Битола, по што учесниците ќе се движат кон хотелот „Епинал“, а завршницата е планирана на плоштадот „Магнолија“.
Од НСП појаснуваат дека целта на маршот е да се актуелизира прашањето за владеење на правото и да се испрати јасна порака дека законите мора да важат подеднакво за сите – без разлика дали станува збор за граѓани, полицајци или други институции.
„Овој марш не е насочен против ниту една етничка, социјална или друга заедница. Тоа е апел за прекин на двојните аршини и за враќање на чувството на правда“, велат од синдикатот.
Како конкретни барања, НСП ќе побара:
- Еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела
- Прекин на селективната правда
- Определување притвор во случаи на сериозни закани по живот и безбедност
Од синдикатот потсетуваат дека во сличен случај пред две години во Прилеп, кога било упатено заканување кон обвинителка, веднаш бил побаран и определен притвор, што според нив покажува нееднаква примена на законот во актуелниот случај.
Дополнително, НСП бара и итна измена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, со која би се вратиле поранешните глоби од 1.000 евра за омаловажување и навредување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните казни од 50 до 150 евра, кои, како што велат, немаат превентивен ефект.
Од синдикатот нагласуваат дека маршот има и симболична цел – враќање на достоинството на полициската професија. Во меѓувреме, до Основното јавно обвинителство во Битола е поднесена кривична пријава против две лица поради сериозни закани упатени кон полициски службеници. Двете лица во јавноста се извиниле, наведувајќи дека заканите биле изречени под стрес.

















