Во Кривичниот суд во Велес денеска започна судењето против Орце Димитриев (33) од Велес, обвинет за сообраќајка на автопатот Скопје–Велес, кај тунелот Катланово, во која на 16 октомври 2024 година загинаа три лица, а пет беа тешко повредени.
Димитриев се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по член 300 ст.2 в.в. со член 297 ст.1 од Кривичниот законик. Тој не признава вина. Обвинителството тврди дека возел со брзина од околу 104 км/ч, над дозволените 70 км/ч, и дека управувал под дејство на психотропни супстанци, што довело до губење на контролата и трагичен исход.
Судското рочиште предизвика силни емоции: присутните роднини на починатите Ангел Ников, Јованче Ангелов и Димче Царев, како и повредените, плачеа и изразуваа негодување.
Одбраната, пак, тврди дека причината за несреќата била техничка неисправност на возилото, со скршена десна полуосовина и проблеми со тркалото, како и премореност на обвинетиот, кој на денот на незгодата работел повеќе од 10 часа и управувал со службено возило кое не било негова лична обврска. Адвокатите исто така посочија дека сопственикот на возилото, фирмата „Феромонт инженеринг ДООЕЛ Скопје“, требало да обезбеди исправност на возилото.
Судскиот процес ќе продолжи со предлагање и разгледување на докази, вклучително лабораториски наоди, обдукциски извештаи и вештачења за техничката состојба на возилото.

















