Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ соопшти дека во текот на една недела се регистрирани повеќе од 9.000 случаи на заболувања со симптоми слични на грип. Иако бројот е благо намален во однос на претходниот период, здравствените власти предупредуваат дека ситуацијата и понатаму е сериозна.
Според лекарите, не станува збор за класичен сезонски грип, туку за мутирани вируси кои ги зафаќаат сите возрасни групи, при што најпогодени се децата и постарите лица.
Педијатарот д-р Саша Милиќевиќ, во изјава за Nova.rs, вели дека здравствените установи се преполни со пациенти со гриполики симптоми, но лабораториските анализи покажуваат поинаква слика. „Овие вируси имаат изменета структура, поради што имунолошкиот систем тешко ги препознава. Затоа често се разболуваат и лица кои неодамна прележале друга инфекција“, објаснува докторот.
Висока температура и силна исцрпеност
Најчестите симптоми се ненадејна и многу висока температура, која во одредени случаи достигнува и над 40 степени, потоа болки во мускулите и зглобовите, изразена слабост, губење апетит и поспаност. Кај дел од заболените се јавува и дијареја, што дополнително го зголемува ризикот од дехидратација.
Иако децата почесто се инфицираат, кај нив болеста обично поминува побрзо. Кај возрасните, пак, симптомите траат подолго и често се поизразени.
Антибиотиците не помагаат
Лекарите нагласуваат дека антибиотиците немаат ефект, бидејќи станува збор за вирусна инфекција. Како најважни мерки се препорачуваат одмор, изолација, внесување доволно течности и терапија за ублажување на симптомите.
Вирусот се пренесува капково – преку кашлање, кивање и близок контакт, но и преку нечисти раце и контаминирани предмети. Затоа, медицинските лица апелираат сите со симптоми да останат дома неколку дена, со цел да се намали ширењето на инфекцијата.

















