ПРВ.мк
Македонија

Притвор и куќен притвор за двете раководителки од „Државна лотарија“ осомничени за проневера на 1,3 милиони евра

Притвор и куќен притвор за двете раководителки од „Државна лотарија“ осомничени за проневера на 1,3 милиони евра

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје определил притвор и куќен притвор за две финансиски раководителки во АД „Државна лотарија“, кои се осомничени за кривично дело „проневера во службата“.

Мерките биле определени по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје.

Според Обвинителството, двете осомничени во текот на 2024 година, како соизвршителки, наводно присвоиле пари кои им биле доверени во рамки на нивните службени задолженија.

Станува збор за сума од 79.989.444 денари, односно околу 1,3 милиони евра.

Првоосомничената работела како директорка на Секторот за финансии и сметководство, додека второосомничената била шефица на финансиски работи во АД „Државна лотарија“.

Според сомненијата на обвинителството, тие биле овластени за подигнување готовински средства наменети за исплата на мали добивки, како и за прием и уплата на дневниот промет од сопствените продажни места на друштвото.

Обвинителството тврди дека целокупниот дневен промет не бил уплаќан и депониран на трансакциските сметки на „Државна лотарија“, туку дел од парите бил присвојуван.

Дополнително, според истрагата, од банкарските сметки на компанијата биле подигнувани и други парични средства кои исто така наводно биле присвоени.

Двете се осомничени за кривично дело „проневера во службата“ од член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

Постапката продолжува, а во понатамошниот тек на истрагата треба да се утврдат сите околности околу начинот на кој биле подигнувани и користени средствата.