ПРВ.мк
Македонија

ПРАЗНИ БАЧИЛА, ГОЛЕМИ ШТЕТИ: Овчарите бараат целосно обештетување и да не ги изгубат субвенциите!

ПРАЗНИ БАЧИЛА, ГОЛЕМИ ШТЕТИ: Овчарите бараат целосно обештетување и да не ги изгубат субвенциите!

Над 10.000 овци угинале во изминатите месеци како последица на појавата на овча сипаница, болест која особено го зафати Источниот Регион и предизвика сериозни загуби кај сточарите.

По уништувањето на стадата, овчарите сега се соочуваат со неизвесност околу висината на обештетувањето, односно дали ќе им биде исплатена реалната вредност на угинатите животни според бројот на грлата и нивната раса. Дополнително, тие стравуваат и дека би можеле да останат без субвенциите по грло, бидејќи нивните бачила останаа празни поради задолжителното уништување на заразените стада.

Според правилата, на местото каде што е констатирана болеста треба да поминат најмалку шест месеци пред сточарите повторно да можат да чуваат добиток.

Министерот за земјоделство Борче Серафимовски, кој денеска беше во Битола, најави дека вакцините против овча сипаница треба да пристигнат во државата за неколку дена.

Болеста го зафати и стадото на Јаворка и Тони Димови од Свети Николе. По 30 години поминати во одгледување овци, семејството вчера останало без својата стока. Ситуацијата особено тешко ја поднела Јаворка Димова (48), која вели дека целиот свој живот го поминала со овците.

„Ни уништија 200 грла овци и нè оставија со празно бачило“, вели Димова, чија фарма се наоѓа во близина на Свети Николе. Таа е една од познатите жени сточари и производители на овчо сирење.

Јаворка раскажува дека вчера ветеринарните инспектори ја потврдиле болеста и на нејзината фарма. Таа, сепак, остро реагира поради тоа што сточарите цело лето ги очекувале вакцините против овча сипаница, но тие не пристигнале навреме за да се заштити добитокот.

По три децении во кои се грижела за овците, Димова вели дека за само еден ден останала без целото стадо. Таа објаснува дека животните биле уништувани едно по едно, според мерките што се применуваат поради болеста, што за неа претставува исклучително тежок момент.

Според Јаворка, државата требало итно да реагира уште кога болеста првпат била регистрирана во Источна Македонија, наместо да дозволи таа да се прошири во толкав обем. Одгледувачите, како што посочува, сè уште ги очекуваат вакцините од Турција, а во меѓувреме болеста довела до затворање на фармите и уништување на стадата.

За неа, случувањата претставуваат сериозен удар врз сточарството во Македонија, особено врз овчарството.

Најголемата неизвесност сега е поврзана со обештетувањето. Јаворка вели дека нејзините овци биле од расата Праменка – Овчеполка и дека според нејзината проценка, вкупната штета е околу 50.000 евра. Сепак, државните служби ја процениле штетата на околу 30.000 евра.

Токму затоа, таа стравува дека сточарите би можеле да бидат оштетени двапати – прво со губењето на стадото, а потоа и со обештетување кое не би ја покрило реалната вредност на животните.

Дополнителен проблем е и прашањето за субвенциите за 2026 година. Целото стадо на семејството Димови било уништено неполн месец пред 1 ноември, рокот кој е поврзан со условот за добивање субвенции по грло.

„Условот да земеме субвенции по грло е да ги чуваме овците до 1 ноември. Нашето стадо е угинато дваесетина дена порано. Сега прашувам, дали ова значи дека нема да земеме субвенции иако сме ги чувале безмалку една година овците?“, прашува Јаворка.

Таа предупредува дека губењето на стадата не значи само загуба на добитокот, туку и доведување во прашање на понатамошната егзистенција на семејствата кои живеат од сточарство. Според неа, државата мора да најде начин обештетувањето да биде праведно и да им овозможи на сточарите да продолжат со животот и работата без да останат без егзистенција.

Министерот за земјоделство Борче Серафимовски денеска во Битола беше прашан токму за проблемите со кои се соочуваат одгледувачите на овци и најави дека ќе се бараат решенија.

Тој објасни дека Агенцијата за храна и ветеринарство, преку своите инспектори, излегува на терен и ја констатира состојбата во случаите кога има заболени или угинати животни. За секој случај се подготвува записник, кој потоа им овозможува на сточарите да се обратат до Платежната агенција.

Според Серафимовски, преку овие процедури ќе се овозможи сточарите да не ги изгубат директните плаќања што им следуваат.

„Процедурите кои се спроведуваат од страна на АХВ, односно инспекторите излегуваат на терен и констатираат кога имаме заболени животни и угинување на животни и се подготвува записник. Со овој записник сточарите ќе имаат можност да се обратат до Платежната агенција и сите процедури кои што се потребни ќе бидат спроведени за истите сточари да не ги изгубат директните плаќања кои се предвидени“, порача Серафимовски.

Министерот посочи дека институциите внимателно ја следат состојбата со овча сипаница. Најави и средба со Сојузот на одгледувачи на овци, на која треба да се разгледаат можните решенија и мерки во интерес на сточарите.

Серафимовски оцени дека состојбата со болеста кај овците се стабилизира и дека засега нејзиното ширење е ограничено на Источниот Регион, кој е меѓу најпогодените подрачја.

Тој додаде дека сточарите ги почитуваат пропишаните мерки, меѓу кои и изолирањето на стадата, што придонесува за намалување на бројот на заболени животни.

Според информациите што ги соопшти министерот, досега од Европската Унија се обезбедени 450.000 вакцини против овча сипаница кај овците и козите, а добиена е и дозвола за нивна употреба.

Вакцините, според најавата на Серафимовски, треба да пристигнат во државата околу 10 или 11 октомври.