ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИЈА ВО КАВАДАРЦИ: Почнува изградбата на новиот Дом за стари лица вреден над 154 милиони денари!

ГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИЈА ВО КАВАДАРЦИ: Почнува изградбата на новиот Дом за стари лица вреден над 154 милиони денари!

Направен е значаен чекор кон реализација на еден од најважните социјални проекти во Општина Кавадарци. Потпишан е официјалниот договор меѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади и Општина Кавадарци за изградба на Јавна општинска установа за вонсемејна социјална заштита на стари лица.

Новиот современ објект ќе се простира на вкупна површина од 3.365,1 м² и ќе има капацитет за згрижување на 57 лица.

Вкупната вредност на оваа капитална инвестиција изнесува 154.927.746 денари. Од нив, најголемиот дел — односно 149.489.782,12 денари — се обезбедени од ресорното Министерство, додека Општина Кавадарци партиципира со 5.437.963,88 денари директно од општинскиот буџет.

Според најавите, градежните активности на терен се очекува да започнат до крајот на овој месец, со што проектот и официјално влегува во фаза на реализација.

Со изградбата на оваа установа, Кавадарци добива значаен капацитет за социјална заштита, со кој ќе се создадат современи услови за квалитетна грижа, сигурност и достоинствен живот на постарите сограѓани. Ова претставува директна инвестиција во луѓето, социјалната сигурност и подобрата иднина на сите граѓани на Кавадарци.