Најновиот предизборен скуп на американскиот претседател Доналд Трамп го одбележаа зачестени протести и прекини, додека тој ги повикуваше гласачите да му дадат поддршка на Кен Пакстон, кандидатот за Сенатот кој се наоѓа под голем притисок.
Најмалку шестмина демонстранти го прекинаа претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) за време на говорот во Сан Антонио, по што полицијата ги изведе од салата. Еден од нив беше и физички нападнат од постар поддржувач на Трамп додека се обидуваше да ја напушти dкворот.
Трамп за момент се оддалечи од микрофонот кога се чинеше дека еден демонстрант му се приближува на бината.
– Се враќа дома кај мајка му. Но, она што не го знае е дека неговата мајка гласаше за Трамп – изјави претседателот откако мажот беше отстранет.
Поддржувачите кои мавтаа со каубојски шешири и скандираа „САД“ го надгласаа делот од демонстрантите, додека Трамп од бината им порача да „се губат оттума“. Тој се подбиваше со нивниот изглед и без никакви докази тврдеше дека ги „плаќаат непријателите на нашата нација“.
Трамп: Нека го погодат Сан Диего, па ќе видат што е тотален колапс
Претседателот го искористи скупот за да се осврне и на своите неодамнешни изјави во кои навести дека Иран би можел да ги уништи Лос Анџелес или Сан Диего, што наиде на остри осуди кај демократите.
– Реков пред некој ден – нека истрелаат ракета кон Сан Диего или Лос Анџелес. Нека погодат... Сакате да видите хорор? Сакате да видите проблеми? Нека го погодат Сан Диего. Нека го погодат Лос Анџелес, па ќе видите како се случуваат лоши работи. Ќе видите земја во тотален колапс. Нема да дозволиме тоа да се случи. Ќе ги штитиме нашите градови, ќе ја штитиме нашата земја. А тие тоа би го искористиле, и тоа како би го искористиле – рече Трамп.
Борбата за Сенатот е фокусирана на Тексас
Ова беше трета посета на Трамп на Тексас за помалку од еден месец, во момент кога републиканците вложуваат огромни средства во трки за кои очекуваа дека лесно ќе ги добијат на меѓуизборите.
Пакстон, кого Трамп го поддржа за време на републиканските унатрепартиски избори откако му заврте грб на долгогодишниот сенатор Џон Корнин, излезе на бината на покана на претседателот и му се заблагодари за поддршката.
Борбата на републиканците да ја задржат контролата врз Сенатот сè повеќе се фокусира на Тексас, каде што демократот Џејмс Таларико се појави како сериозна закана. Анкетата на весникот „Њујорк тајмс“ и Колеџот Сиена покажува дека Таларико води пред Пакстон со 51 наспроти 45 проценти од гласовите кару оппределените гласачи. Инаку, Тексас нема избрано демократ во Сенатот уште од 1988 година.
Трамп во 2024 година победи во оваа сојузна држава со скоро 14 проценти предност, но неговиот рејтинг оттогаш значително опадна. Истражувањето на агенцијата Ројтерс/Ипсос покажува дека поддршката за претседателот изнесува едвај 32 проценти, додека регистрираните гласачи им даваат предност на демократите во однос на републиканците (44 наспроти 37 проценти).






