27-годишен маж денеска околу 12 часот по локално време беше убиен во центарот на Тутлинген, Германија, по престрелка со полицијата, потврди Државната криминалистичка служба (LKA), која ја презеде истрагата за случајот.
Според досегашните информации, мажот претходно без очигледна причина отворил оган кон полициските службеници. По престрелката тој бил тешко повреден, а обидите за реанимација не успеале.
„Обидите за реанимација, за жал, не успеаја“, соопштија од LKA.
Полицијата засега не соопштува дополнителни детали за мотивот и околностите што довеле до инцидентот.
Според сведочењата од местото на настанот, 27-годишникот најпрво бил забележан во зградата на градската управа, каде што се движел со пиштол во раката. Вработените веднаш ја известиле полицијата, а потоа се заклучиле во своите канцеларии додека чекале да пристигнат полициските екипи.
Кога мажот нешто подоцна ја напуштил општинската зграда, полицајците го пресретнале зад објектот, во улицата Хелферај. Според портпаролката на LKA, тој тогаш без предупредување пукал кон полицајците.
Околу 12:30 часот дошло до престрелка во која вооружениот маж бил смртно ранет.
Сведоци за германскиот портал „Schwaebische“ раскажале дека слушнале пет истрели. Една минувачка изјавила дека ги видела полицајците како се обидуваат да го реанимираат мажот на улицата.
Во моментот на престрелката, ресторанот „Остерија“, кој се наоѓа на улицата Хелферај, бил полн со гости.
„Пукаше директно пред нашата тераса“, раскажала сопственичката на ресторанот, Силке Д’Амико.
Таа веднаш ги тргнала гостите подалеку од прозорците за да бидат на побезбедно место. Откако ситуацијата донекаде се смирила, гостите повторно се вратиле на своите маси.
Поради тоа што улицата била блокирана, гостите морале да го напуштат ресторанот преку спореден излез кој води кон холот на градското собрание.
„Среќна сум само што во тој момент никој не седеше на терасата. Полицијата ги легитимираше сите што беа во ресторанот. Сите сме во целосен шок. Ваква ситуација не се доживува секој ден“, додала Д’Амико.
Сведоштво дала и вработена во продавница за чаеви на улицата Хелферај. Таа раскажала дека ги слушнала истрелите во моментот кога една муштерија ја отворила вратата за да излезе.
„Веднаш се стуткав под пултот“, раскажала вработената.
По тоа таа останала во продавницата и не излегувала надвор, туку чекала дополнителни инструкции додека улицата била целосно блокирана од полицијата.
Засега останува нејасно зошто вооружениот маж се нашол во Тутлинген и што го натерало без предупредување да пука кон полициските службеници.
Портпаролката на LKA потврди дека мотивот и околностите се предмет на понатамошна истрага. Таа истакна и дека, според досегашните сознанија, 27-годишникот не им се заканувал на случајните минувачи.






