Принцот Хари во ново предавање за платформата „Мастерклас“ (MasterClass) отворено зборуваше за тежок период од својот живот, кој следел по преселбата во Канада со Меган Маркл и нивниот син Арчи.
Војводата од Сасекс (42) откри дека кон крајот на 2019 година, само неколку дена откако пристигнал во Канада, почувствувал нешто што го опишува како ненадеен „пад на адреналинот“, по години поминати под силен стрес.
Хари објасни дека, откако конечно се оддалечил од средината во која долго време бил изложен на голем притисок, неговото тело реагирало на неочекуван начин.
Тој раскажа дека само два или три дена по пристигнувањето во Канада почувствувал нагло опаѓање на енергијата и расположението, нешто што дотогаш не го искусил.
„Како толку многу да се навикнав на стресот што адреналинот ми беше неопходен за воопшто да можам да функционирам. Одеднаш не можев да ги извршувам ниту најобичните домашни обврски“, објасни Хари.
Тој додаде дека околу две недели се чувствувал депресивно и имал впечаток дека без постојаното ниво на адреналин не може нормално да функционира.
Години на потиснување на чувствата по смртта на Дијана
Хари и Меган, кои го добија синот Арчи во мај 2019 година, крајот на истата година го поминаа во Канада. Во јануари 2020 година тие објавија дека се повлекуваат од должностите како активни членови на британското кралско семејство.
Како што објасни Хари, во тој период сакале привремено да се оддалечат од сè, да најдат мир и да размислат за својата иднина.
За своите искуства зборуваше во рамките на програмата „Redefining Grief: Building Resilience Through Loss“, посветена на разбирањето на тагата и справувањето со загубата. Во разговорот му се придружи невронаучничката д-р Мери-Френсис О’Конор, со која разговараше за начинот на кој тагата може да влијае врз мозокот и телото.
Хари се осврна и на смртта на неговата мајка, принцезата Дијана, која загина во сообраќајна несреќа во 1997 година, кога тој имал само 12 години.
Според „Пипл“ (People), платформата „Мастерклас“ го контактирала Хари минатата година со предлог да учествува во предавање посветено на тагувањето. Програмата била снимена на почетокот на летото во Калифорнија, но не во неговиот дом во Монтесито.
Војската му била начин да ги потисне мислите
Хари откри дека со години по смртта на мајка му тешко се справувал со чувствата и дека долго време ја потиснувал тагата.
Тој објасни дека, кога луѓето би го прашале дали е добро, речиси автоматски одговарал дека е во ред, иако внатрешно се чувствувал сосема поинаку.
Според него, во еден период бил емоционално отрпнат, а постојаната активност и адреналинот го туркале напред без тој целосно да биде свесен што се случува.
Токму поради потребата постојано да биде активен, Хари на 20 години се приклучил на војската.
„Тоа беше совршен начин да си ги одвлечам мислите. Немав време да размислувам за ништо друго освен за задачата што беше пред мене“, рече тој.
Но, по враќањето од неговата втора мисија во Авганистан во 2013 година, Хари почнал да сфаќа дека искуствата од војната повторно активирале дел од траумите што со години ги потиснувал.
„Она што го видов и доживеав активираше некои стари трауми што ги носев во себе“, се присети тој.
Со текот на времето почнал да забележува и физички реакции. Како што раскажа, се чувствувал сè поисцрпено, а во одредени ситуации доживувал и напади на паника.
„Почнав да сфаќам колку всушност сум исцрпен. Дојде до тоа дури и самото закопчување на кошулата околу вратот да ми предизвикува чувство на задушување. Имав напади на паника во автомобилот додека се возев на работа. Тогаш сфатив дека се случува нешто посериозно и дека морам да откријам што стои зад сето тоа“, раскажа Хари.
Објаснување за влијанието на долготрајниот стрес
Во разговорот, д-р О’Конор објаснила дека долготрајниот стрес може да влијае врз начинот на кој функционира организмот.
Таа го споредила нервниот систем со автомобил, додека дејството на кортизолот, хормонот поврзан со стресот, го споредила со системот што му овозможува на автомобилот да забрзува.
Според неа, проблемот настанува кога телото долго време е во состојба на постојана активираност.
„Проблемот е што не можете постојано да ја држите ногата на гасот. Тоа едноставно не е одржливо“, објаснила О’Конор.
Таа додала дека долготрајниот стрес може да влијае врз регулирањето на кортизолот, што може да биде проследено со исцрпеност, проблеми со концентрацијата и чувство на замор уште од будењето.
Хари веднаш се препознал во описот.
„Тоа чувство на магла во главата ми е многу познато“, рекол тој.
Со години мислел дека мајка му ќе се врати
Во разговорот Хари зборувал и за начинот на кој како дете ја доживеал смртта на мајка му.
Откри дека со години по нејзината смрт дел од него верувал дека Дијана всушност е жива и дека еден ден ќе се врати.
„Верував дека сето тоа го испланирала за да побегне од сè што ѝ го уништуваше животот. Мислев дека еден ден ќе се врати маскирана и ќе нè одведе мене и брат ми“, призна тој.
Д-р О’Конор објаснила дека ваквите мисли можат да се појават кај луѓе кои изгубиле блиска личност. Таа посочила дека мозокот долго го задржува чувството на поврзаност со саканиот човек и по неговата смрт.
Според неа, кога со некого ќе создадеме силна врска, мозокот ја доживува таа поврзаност како нешто трајно. Поради тоа, при загуба може да биде потребно време за целосно прифаќање на реалноста.
Таа објаснила дека чувството оти саканата личност можеби сè уште е „некаде таму“ не значи дека со човекот нешто не е во ред, туку може да биде дел од начинот на кој мозокот ги обработува блиските односи и загубата.
Се чувствувал виновен кога бил среќен
Хари откри и дека долго време чувствувал вина секогаш кога ќе почувствувал среќа.
Имaл впечаток дека ако продолжи со својот живот и биде среќен без мајка му, на некој начин ја предава.
„Долго време бев емоционално отрпнат, во голема мера затоа што чувствував вина при самата помисла дека можам да бидам среќен без неа. Како со тоа да ја предавам. Мислев дека морам да бидам тажен и да ги потиснувам чувствата за да ѝ покажам колку ми недостига“, раскажа тој.
Со текот на времето, сепак, неговиот поглед кон тоа се променил.
Хари рекол дека сфатил оти неговата мајка би сакала тој да биде среќен и дека тоа сознание му помогнало да го промени начинот на кој гледа на животот и на сопствената загуба.
„Сфатив дека таа само сакала да бидам среќен. Тоа сознание целосно ми го промени погледот на животот. Ме ослободи и ми помогна на сè да гледам од поинаква перспектива“, рекол тој.
Хуманитарната работа ја поврзува со наследството на Дијана
Денес Хари смета дека неговата хуманитарна работа е еден од начините преку кои продолжува дел од она на што неговата мајка му посветила голем дел од животот.
Тој се надева дека Дијана би била горда на работите на кои ги посветува своето време и енергија.
„Додека се обидував да го зачувам нејзиното наследство и да го продолжам она што го започна, не ни сфаќав колку работата со која денес се занимавам всушност е слична на нејзината“, рече Хари.
На крајот од разговорот тој порача дека загубата на блиска личност не значи дека таа личност целосно исчезнува од нашиот живот.
„Кога ќе изгубите некого, со текот на времето сфаќате дека таа личност на некој начин ја носите со себе низ целиот живот. Дел од мајка ми секогаш е со мене и токму тоа ми дава сила и енергија за сè што правам“, заклучи Хари.








