Утре во Македонија претпладне ќе преовладува сончево и топло време, но во попладневните часови се очекува зголемување на нестабилноста, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Според прогнозата на УХМР, на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Поради големата енергија во атмосферата, локално процесите може да бидат поинтензивни и да прераснат во невреме, проследено со силен пороен дожд, засилен ветер и услови за појава на град.
Слична временска слика се очекува и во Скопје. Во утринските и претпладневните часови ќе биде сончево и топло, додека попладне ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Од УХМР предупредуваат дека во одделни делови од Скопската Котлина нестабилноста може да има карактер на невреме, со интензивни врнежи, силен ветер и можност за град.
Поради можноста за нагло влошување на временските услови, се препорачува зголемена внимателност во попладневните часови, особено при појава на грмежи и силни налети на ветер.








