ПРВ.мк
Македонија

Мицкоски за заканите кон него и семејството: „Да не бев институција, знам како се решаваат тие работи“

Мицкоски за заканите кон него и семејството: „Да не бев институција, знам како се решаваат тие работи“

Премиерот Христијан Мицкоски очекува институциите да обезбедат правна разрешница на случајот со заканите упатени кон него и неговото семејство преку социјалните мрежи, откако Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 39-годишен жител на селото Черкези.

Мицкоски изјави дека за заканите дознал вчера и откри дел од нивната содржина.

„Дознав за тие закани што се напишани на социјалните мрежи од ова лице – дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад. Упатил и пцовки кон мене и моето семејство. Јас сум сепак институција, кога не би бил ова – знам како се решаваат тие работи“, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека во случајот треба да постапуваат надлежните институции согласно законските овластувања, додавајќи дека осомничениот веќе е обезбеден од полицијата.

Од Основното јавно обвинителство Куманово информираа дека до судија на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство.

Според Обвинителството, при проценката биле земени предвид и други постапки и пријави поврзани со лицето, меѓу кои за насилство и лихварство, како и повеќе прекршоци од областа на јавниот ред и мир.

Обвинителството оценува дека постои ризик од повторување или ескалација на агресивно однесување, поради што побарало определување притвор. Станува збор за наводи во рамки на постапка, а за евентуална кривична одговорност одлучува судот.

Мицкоски изрази очекување правосудниот систем да ја доврши постапката и случајот да добие соодветна правна разрешница.