ПРВ.мк
Црна Хроника

Прободен полицаец при интервенција - се бара притвор

Прободен полицаец при интервенција - се бара притвор

Основното јавно обвинителство Куманово отвори истрага против 40-годишен жител на Кратово, осомничен дека при полициска интервенција нападнал двајца полициски службеници, при што на едниот му нанел тешки телесни повреди со нож.

Според Обвинителството, настанот се случил на 11 септември, додека полицајците извршувале работи од областа на јавната безбедност поврзани со спречување кривично дело.

Двајцата полициски службеници употребиле сила за да ја отворат заклучената врата од собата во која се наоѓал осомничениот. Откако влегле, според наводите на Обвинителството, 40-годишникот ги нападнал.

При нападот, еден од полицајците бил повреден со нож и се здобил со тешки телесни повреди – прободна рана и посекотина.

Против осомничениот е поведена истражна постапка за кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

Поради проценета опасност од бегство и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог на 40-годишникот да му биде определена мерка притвор.