ПРВ.мк
Црна Хроника

Неверојатен случај: 11 години ја лекувале од рак што го немала

Неверојатен случај: 11 години ја лекувале од рак што го немала

Британката Беки Џоунс поминала повеќе од една деценија на хемотерапија откако на 21-годишна возраст ѝ било кажано дека има агресивен тумор на мозокот. Години подоцна следувало шокантно откритие – според независната анализа на нејзиниот случај, таа всушност никогаш немала рак.

Џоунс денес има 33 години, а според Би-Би-Си, таа е една од повеќе од 40 пациенти кои покренале правна постапка против Универзитетските болници Ковентри и Ворикшир поради наводно продолжено или непотребно лекување.

Нејзините здравствени проблеми започнале во 2012 година, кога по силни мигрени била испратена на дополнителни испитувања. Според нејзината адвокатка, професорот Ијан Браун поставил дијагноза на глиобластом од четврти степен уште пред да бидат достапни резултатите од биопсијата.

Следувале години терапија со темозоломид. Џоунс раскажува дека лекувањето било проследено со мачнини, болки во стомакот, рани во устата и постојан замор, а стравот од инфекции значително го ограничил нејзиниот секојдневен живот.

„Постојано ми повторуваа дека ќе умрам ако не примам хемотерапија“, изјавила таа за Би-Би-Си.

Во 2024 година нејзината терапија била прекината, а во мај 2025 година, по независна анализа направена за нејзините адвокати, Џоунс дознала дека првичната дијагноза била погрешна. Според тие наоди, таа имала тумефактивна демиелинизација – воспалителна состојба која може да создаде промени што наликуваат на тумор и се третира поинаку.

Случајот на Џоунс не е единствениот што се преиспитува. Прелиминарните наоди од ревизија на Кралскиот колеџ на лекарите укажале на сериозни проблеми во дел од разгледаните случаи со долготрајна употреба на темозоломид. Од 20 анализирани случаи, 15 биле оценети како „целосно незадоволителни“, според информациите што ги пренесува Би-Би-Си.

Од болницата соопштиле дека погодените пациенти биле повторно прегледани од искусни лекари и дека им се обезбедени соодветни планови за понатамошна грижа. Најавена е и независна проверка на системите преку кои вработените можат да пријавуваат сомнежи и неправилности.

Целосните околности и евентуалната одговорност допрва треба да бидат утврдени во рамките на ревизиите и правните постапки.