Министерот за здравство Сашо Клековски ја реализираше својата прва работна посета во странство, при што во Словенија оствари средба со словенечкиот министер за здравство, д-р Тадеј Острц.
Клековски истакна дека изборот на Словенија за неговата прва средба со странски колега не е случаен, имајќи ги предвид сличностите меѓу двете земји, но и искуството на Словенија во спроведувањето здравствени реформи.

На средбата се разговарало за состојбите, предизвиците и идните планови во двата здравствени система, со посебен фокус на области кои се значајни и за реформските процеси во Македонија.
Меѓу темите биле словенечката Национална диспечерска служба и индексот за итна медицинска помош, програмите за рана детекција на рак, како и моделот за управување со радиодијагностиката.
Клековски и Острц се договориле разговорите да продолжат и за останатите реформски планови, како и за постојниот заеднички проект во областа на медицинските сестри.

Министерот го отворил и прашањето за подобрување на здравствената заштита на македонските студенти кои престојуваат во Словенија, како и можностите за поголема размена на медицински стручњаци и соработка во областа на лекувањето.
Клековски се заблагодари за отвореноста на словенечкиот министер и за подготвеноста искуствата и успешните модели од словенечкиот здравствен систем да бидат достапни и за Македонија.
Средбата претставува дополнителен чекор кон продлабочување на билатералната соработка и користење проверени европски практики во реформата на македонското здравство.








