ПРВ.мк
Црна Хроника

Тажната вест брзо се прошири: Почина познатиот македонски музичар

Тажната вест брзо се прошири: Почина познатиот македонски музичар

Почина Глигор Пандиловски – Гиц, музичар, извршен продуцент и долгогодишен скопски угостител, кој на повеќе генерации скопјани им беше познат и како сопственик на култното кафуле „Чао“ во Градскиот трговски центар.

Пандиловски беше присутен на скопската музичка сцена уште во текот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години. Како тапанар настапувал во повеќе познати скопски состави, меѓу кои и ВИС „Урагани“.

Подоцна неговиот животен пат го однел кон угостителството. Во ГТЦ го отворил кафулето „Чао“, кое со години било едно од препознатливите места за собирање на младите и важен дел од урбаниот и ноќниот живот во центарот на Скопје.

Луѓето кои го познавале го паметат и по неговата блискост со музичката сцена. Просторот на „Чао“ често бил отворен за млади автори и изведувачи, кои таму организирале промоции, прес-конференции, свирки и забави.

Во последната деценија и повеќе, Пандиловски живеел на релација Скопје – Гетеборг, Шведска, но и понатаму останал поврзан со македонската музичка сцена.

Со неговото заминување, скопската музичка и урбана сцена загуби човек чие име останува поврзано со еден препознатлив период од културниот и ноќниот живот на главниот град.