Жената која беше тешко повредена во сообраќајната несреќа на улицата „Народен фронт“ во центарот на Скопје, починала попладнево, потврдуваат од Ургентниот центар, каде што била пренесена по инцидентот.
Несреќата се случила во близина на трговскиот центар „Зебра“, кога возач со патничко возило ја прегазил жената, на возраст од околу 75 години, и избегал од местото на настанот без да ѝ укаже помош.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека интензивно се трага по возачот, додека истрагата за околностите под кои дошло до трагедијата сè уште е во тек.
На местото на несреќата, и неколку часа подоцна, била видлива крв на коловозот, како и скршен ретровизор, што укажува на силината на ударот. Полицијата продолжува со увид и собирање докази со цел целосно расветлување на случајот.
Овој трагичен настан повторно го отвори прашањето за безбедноста на пешаците и одговорноста на возачите во сообраќајот, особено во густо населени градски зони.
















