Македонија ја очекува драстична промена на времето со продор на екстремно ладен бран од север, предупредува метеорологот Славчо Попоски. Според најавите, ќе се формира секундарен циклон над Југоисточна Европа, што ќе донесе обилни врнежи и нагло заладување.
Во првата фаза се очекуваат дожд и снег во пониските места, а само снег на повисоките предели и планините. Поради судир на потопол воздух во горните и поладен во долните слоеви на атмосферата, особено во западните делови можно е појава на ледени врнежи и опасна голомразица.
Ветерот ќе биде засилен до силен, најпрво од јужен и југозападен, а потоа од северен правец, со удари над 60 км/час.
Од ноќта сабота кон недела, како и во недела и понеделник (11 и 12 јануари), врнежите целосно ќе преминат во снег. Снежна покривка ќе се формира и во градовите, додека на планините и ски-центрите се очекуваат нови 30 до 40 сантиметри снег.
И Скопје ќе биде зафатено од снежниот бран, со услови за формирање помала снежна покривка, особено во недела и понеделник. Во западна Македонија локално може да наврнат и над 50 литри воден талог на метар квадратен.
Температурите драстично ќе паднат – дневните ќе останат под нулата, утринските ќе се спуштаат до -10, локално и под -15 степени, а на планините и до екстремни -20°C.
Надлежните апелираат на зголемена претпазливост, особено во сообраќајот, бидејќи следуваат денови со вистински зимски услови.
















