Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе кривична постапка против 41-годишен маж од Велес, со непријавено престојувалиште во Скопје, поради основано сомнение за кривично дело телесна повреда согласно член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според наводите, осомничениот при вршење семејно насилство со умисла ја повредил својата вонбрачна партнерка. Инцидентот се случил додека оштетената ја подготвувала нивната ќерка за поаѓање во градинка. Најпрво дошло до вербална расправија, по што насилството ескалирало во физички напад.
Како што информира Обвинителството, осомничениот во повеќе наврати ја удирал жената со лажица за облекување чевли во пределот на главата. Кога таа се повлекла во спалната соба, тој насилно ја турнал на креветот, ѝ го одзел мобилниот телефон и го фрлил на под, по што продолжил со навредливо и агресивно однесување и ѝ нанел повеќе удари со бокс во главата и телото. Како последица, жртвата се здобила со телесни повреди – контузии и хематоми.
Јавниот обвинител при одлучувањето го имал предвид и фактот дека жртвата претходно веќе го пријавувала осомничениот за семејно насилство, но подоцна го повлекла предлогот за кривично гонење.
Поради ризик од повторување на насилството и за обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерка притвор.
















