Страшна трагедија ја потресе верската заедница во Еквадор, откако католички свештеник загина за време на богослужба, кога огромен дрвен крст се откачил од ѕидот зад олтарот и паднал директно врз него. Неговото семејство сега бара детална истрага за да се утврди како дошло до несреќата и дали некој сноси одговорност.
Свештеникот Патрисио Алфредо Санчез Молинари починал на 17 октомври, додека служел миса во црквата „Пресвета Богородица на постојаната помош“ во градот Гвајакил.
Трагедијата се случила пред очите на верниците, а целиот настан бил снимен бидејќи богослужбата се пренесувала во живо на социјалните мрежи.
Огромниот крст се откачил и го удрил во главата
Според информациите од локалните медиуми, свештеникот стоел пред верниците кога тешкиот дрвен крст, поставен на ѕидот зад олтарот, ненадејно се откачил и паднал врз него.
Ударот бил толку силен што свештеникот паднал на подот и не успеал да стане.
Присутните верници веднаш реагирале и повикале итна медицинска помош, но за несреќниот свештеник немало спас.
Еквадорската полиција првично го окарактеризирала случајот како несреќа предизвикана од удар со тежок предмет.
Семејството бара истрага: Како можел да падне крстот?
Иако полицијата засега смета дека станува збор за несреќен случај, семејството на починатиот свештеник не сака трагедијата да остане без детално објаснување.
Неговиот роднина Патрисио Леон побарал надлежните институции да испитаат што точно се случило.
„Можеби тоа била Божја волја, но во Гвајакил треба да се спроведе истрага“, изјавил Леон.
Според правни експерти, неопходно е да се провери како бил прицврстен крстот, кој бил одговорен за неговото поставување и дали биле преземени соодветни безбедносни мерки.
Доколку се утврди дека несреќата настанала поради невнимание или пропусти во одржувањето, би можело да се постави и прашањето за кривична одговорност.
Засега нема објавен конечен технички наод за причината поради која крстот се откачил.
Последните зборови на свештеникот предизвикаа морници
Особено потресен детал во целата трагедија се зборовите што свештеникот ги изговорил само неколку моменти пред несреќата.
За време на својата проповед тој зборувал за смртта, верата и важноста на времето што луѓето им го посветуваат на најблиските.
„Еден ден сите ние што сме овде ќе умреме“, им рекол на верниците.
Потоа продолжил со порака дека времето посветено на Бог, семејството, децата и саканите е највредното време во животот.
Непосредно пред падот на крстот, свештеникот побарал Божји благослов за присутните.
Овие зборови добиле особено потресно значење по трагичната несреќа, а снимката од богослужбата предизвикала силни реакции на социјалните мрежи.
Верниците се простуваат од починатиот свештеник
Надбискупијата во Гвајакил ја потврди смртта на Патрисио Санчез Молинари и упати сочувство до неговото семејство, пријателите и верската заедница.
Од црквата повикаа на молитва за покој на неговата душа.
Семејството, пак, останува на барањето да се испитаат сите околности за да се утврди дали трагедијата можела да биде спречена.








