По новогодишните празници нагло се зголемува бројот на пациенти со грип и тешки компликации, информираат од Клиника за инфективни болести. Само во изминатиот период регистрирани се околу 300 прегледи, а 12 лица завршиле на болничко лекување поради влошена здравствена состојба.
Неколку од хоспитализираните пациенти се на кислородна поддршка, додека едно лице е во критична состојба, сместено на интензивна нега и приклучено на апарати за дишење.
„Станува збор претежно за пациенти со хронични заболувања кај кои грипот предизвикал тешка клиничка слика. Еден пациент е во особено сериозна состојба и се лекува на интензивна нега“, изјави директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.
Според податоците од Инфективна, хоспитализираните се на возраст од 18 до 65 години и заедничко за сите е тоа што не биле вакцинирани против сезонски грип.
„Кога ќе се појават вакви компликации, станува јасно колку е важна имунизацијата. Најчесто станува збор за невакцинирани пациенти, кои поради тоа грипот го поминуваат многу потешко, а дел од нив завршуваат со сериозни компликации“, нагласува д-р Цана.
Од Клиниката предупредуваат дека ова е само почеток и дека пикот на грипот допрва следува, поради што во наредните недели се очекува уште поголем притисок врз здравствениот систем. Лекарите апелираат граѓаните навреме да се јават на лекар при влошување на симптомите и да не го потценуваат грипот, особено ризичните групи.
















