Зимата официјално се враќа. Утрово е објавена најновата прогноза според која врнежите веќе започнуваат, а во текот на денот дождот постепено ќе преминува во снег низ целата земја.
Претпладне времето ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските места, додека на повисоките предели и на планините ќе паѓа снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат исклучиво од снег.
Најмногу снег се очекува во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри. Во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Утринските температури ќе се движат од -3 до 3 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 3 и 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе има мешани врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во чист снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи предупредуваат дека утре ќе има нови локални врнежи од снег, проследени со засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во понеделник. Со почетокот на новата седмица, на повеќе места утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени, а дневните ќе останат под нулата.
Зимските услови се враќаат со полна сила, а возачите и граѓаните се повикуваат на зголемена внимателност.
















