По долга и исцрпувачка борба со тешка болест, попладнево во Скопје почина Адријана Дамњановиќ – Симеонова, 40-годишна жена од Врање, чија животна приказна ја обедини јавноста низ целиот регион.
Адријана со месеци важеше за симбол на надеж. По низа сложени терапии и третмани, лекарите нејзиниот случај го опишуваа како редок медицински феномен, верувајќи дека успеала да ја надмине болеста. За жал, состојбата повторно се влошила, а новиот удар се покажал како пресилен.
Нејзината борба ги надмина границите на личната трагедија и стана заедничка битка на илјадници луѓе. Кампањите за помош, донациите и пораките на поддршка пристигнуваа од сите страни на Балканот, а нејзината насмевка и истрајност беа инспирација за многумина.
Семејството во овие тешки моменти изрази длабока благодарност до сите кои помогнаа во лекувањето, особено за поддршката што ја доби за терапиите во Атина, како и за секој гест на солидарност и човечност.
Адријана зад себе ги остави својата малолетна ќерка, сопругот, мајката, братот и бројни блиски пријатели. Родена во Врање, а животот и семејството ги изгради во Скопје, нејзината смрт ги зави во црно двата града.
Згасна еден млад живот, но останува споменот за жена која до последен момент се бореше со достоинство и надеж.
















