Од 15 ноември до 15 март, сите возила во Македонија мора да поседуваат зимска опрема, без разлика дали во моментот има снег, мраз или други зимски услови на патиштата. Законската обврска важи во текот на целиот период, а возачите треба навреме да ги подготват автомобилите за безбедно учество во сообраќајот.
За патничките возила со маса до 3.500 килограми, зимската опрема подразбира зимски гуми поставени на сите четири тркала, со длабочина на шарата од најмалку четири милиметри.
Како друга дозволена варијанта, возачите може да користат и летни гуми со шара длабока најмалку четири милиметри, но во автомобилот задолжително треба да има синџири за снег со соодветна големина, кои се поставуваат на погонските тркала.
За возилата со погон на сите четири тркала важат посебни правила во однос на длабочината на шарата на гумите.
Покрај зимската опрема, во автомобилот треба да се наоѓа и останатата задолжителна опрема, меѓу која резервно тркало или соодветен комплет за поправка, прибор за прва помош, предупредувачки триаголник, светлоодбивен елек и други пропишани средства.
Пред да започне зимската сезона, се препорачува возачите да ги проверат и акумулаторот, антифризот и течноста за миење на шофершајбната, за автомобилот да биде подготвен за ниските температури.
За оние кои планираат подолги патувања или возење низ планински и потешко достапни предели, дополнително се препорачува во багажникот да имаат стругалка за мраз, мала лопатка, ракавици, топло ќебе, рачна ламба, кабли за стартување на автомобилот, наполнет надворешен полнач за телефон, како и вода и храна која може подолго да се чува.
Пред секое тргнување, особено во зимски услови, важно е да се провери временската прогноза и состојбата на патиштата. Возачите треба да имаат и доволно гориво во резервоарот и да не тргнуваат на пат без соодветни гуми и синџири, кога тие се потребни.
Препораките за подготовка не се однесуваат само на автомобилите, туку и на домаќинствата. Во домот е добро да се обезбедат резерви на вода и храна за неколку дена, батериска ламба, резервни батерии и лековите што редовно се користат.
Пред почетокот на грејната сезона, треба да се проверат печките и оџаците, а во домовите каде што се користат грејни тела на гориво се препорачува поставување детектор за јаглерод моноксид. Дополнително, цевките изложени на ниски температури треба да се изолираат за да се избегне нивно замрзнување.





