Шефот на пратеничката група „Србија победува“, Александар Вучиќ, денес одржа жесток говор во Собранието на Србија, во кој директно му одговори на Јово Бакиќ и на претставниците на пратеничката група што тој ја предводи, пренесуваат српските медиуми. Во излагањето исполнето со тешки обвинувања, Вучиќ зборуваше за нападите врз неговото семејство, поврзаноста на политичките противници со криминални кланови, Косово и Метохија, но и за, како што го нарече, „тајкунско-паразитскиот слој“.
На самиот почеток, Вучиќ порача дека „не е хистеричен и нема да вреска“, обраќајќи му се директно на Јово Бакиќ.
„Тоа што хистерично викавте и урлавте овде е слика и прилика на вашата немоќ, на сите ваши лаги и бесмислици. Јас ќе ви објаснам и докажам каков лажго и криминалец сте, а вистинската реакција на криминалец е да почне громогласно да се смее кога ќе му го кажете тоа“, рече Вучиќ.
Тој се осврна и на прозивките на Бакиќ за контролата врз медиумите и телевизијата „Информер“, прашувајќи го дали тој е обвинител или судија за да одредува која телевизија ќе работи, и порачувајќи му дека се однесува како „врховен криминалец во земјата“. Вучиќ изнесе и податоци за гледаноста, наведувајќи дека „Информер“ вчера била двојно погледана од телевизиите „Н1“ и „Нова С“ заедно, бидејќи „народот сака да го гледа тоа“, додавајќи дека неговите противници „сакаат да ги гасат телевизорите“.
Најголемите навреди и трагедијата со починатото дете
Видно емотивен, Вучиќ се осврна и на нападите врз неговото семејство, споменувајќи го новинарот Милован Бркиќ и провокациите на неговото избирачко место.
„Го испратија неговиот заменик на моето избирачко место за да провоцираат. Тоа е човек кој за моето сопствено дете, бидејќи ја имав таа несреќа при породување да ми почине детето, напиша дека јас сум ја тепал сопругата во стомак и дека затоа детето починало. Тоа е криминална политика, бидејќи тие станаа ваши идеолози. И за тоа не мора да викате, тоа се факти“, порача Вучиќ.
„Звицер славеше во Дубаи со погрдни песни“
Говорејќи за криминалните групи, Вучиќ остро демантираше дека има каква било врска со подземјето, обвинувајќи ја другата страна за соработка со Кавачкиот, Шкаљарскиот и Врачарскиот клан. Тој потсети на снимката од сопругата на Вељко Беливук, која, како што наведе, „најмногу се израдувала на победата на Јово Бакиќ со зборовите – се гледаме наскоро на слобода“.
„Заменик-шефот на Кавачкиот клан, Радоје Звицер, човек кој сакаше повеќепати да ме убие, организираше славење во Дубаи, испишувајќи погрдни зборови за својот голем пријател Александар Вучиќ, и ѝ честиташе на вашата листа. Имаме снимки за да го видите тоа големо славење во Дубаи и каква музика пуштаат поради мојот наводен пад“, нагласи Вучиќ.
Тој додаде дека денес „Врачарскиот клан ја презема организацијата на државата“ во име на другата страна, пали теретани и рекетира луѓе, како и дека „Кавчаните“ обезбедувале логистика за изборите.
Косово, богатството и „паразитскиот слој“
Вучиќ се осврна и на темата за Косово и Метохија, потсетувајќи дека во 2008 година била прогласена независност која брзо ја признале 85 земји, додека во негово време „27 или 28 земји го повлекле признавањето на Косово“. Одговарајќи на прозивките за богатството, тој им порача на пратениците дека речиси сите присутни се „побогати од него“, наведувајќи дека живее во Белвил, додека 90 отсто од нив зеле пари од државата.
Тој го насочи излагањето и кон функционерите кои, според неговите зборови, претставуваат „тајкунско-паразитски слој“, прозивајќи го Чупиќ за непријавени станови и солитери, како и Јовановиќ и Станиќ за земање државни пари без да стапнат во театар. Тој додаде дека граѓаните претходните два дена гледале спиење и боење боенки во салата, но во живиот пренос не можеле да ја видат „општата инвазија на собранискиот ресторан“.
Најава за оставка
Осврнувајќи се на наводите дека еден пратеник на СНС поднел оставка, Вучиќ најави можност и за негово повлекување од функцијата.
„Тоа е како веќе да останавме без еден пратеник, па ако одите така, ќе останеме без десет, бидејќи десетмина од нив ќе поднесат оставки. Ќе ве израдувам и јас во еден момент со поднесување оставка, бидејќи знам дека не можете да поднесете да делите кислород со мене. Па затоа што не можам да ве гледам. Толку сте ми одвратни што не можам да ве гледам. Да бидам искрен со вас, вие сте слика и прилика на мојот пораз. Вие сте слика и прилика на несреќата на Србија. И бидејќи сте слика и прилика на несреќата на Србија, јас не можам да бидам среќен. А знам дека тоа многу ќе ве усреќи. Ви благодарам најубаво. Денес слушнав што мислите вие за нас. Јас за вас мислам многу полошо“, заклучи Вучиќ, одговарајќи на негодувањето на Бакиќ.





