Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, присуствуваше на форумот „Дијалог за заштитата на Кожуф, неговото геонаследство и можностите за геопарк и одржлив туризам“, кој се одржа во големата сала на општината, во организација на Здружението на граѓани „Центар за климатски промени“.
Настанот на едно место ги обедини претставниците на институциите, научната и стручната јавност, граѓанските организации и локалната заедница, со цел да се отворат значајни прашања поврзани со зачувувањето на природните и геолошките вредности на планината Кожуф.
Во фокусот на дискусијата беа можностите за соодветна заштита на природното богатство, развојот на геопарк, унапредувањето на геотуризмот, како и создавањето нови перспективи за одржлив економски развој на кавадаречкиот регион. На форумот беше истакнато дека Кожуф претставува непроценливо природно богатство и значаен потенцијал за унапредување на туризмот, локалната економија и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Од Општина Кавадарци посочуваат дека локалната самоуправа силно ја препознава важноста од зачувувањето на природното наследство и активно ја поддржува соработката меѓу институциите, стручната јавност и локалната заедница во насока на одржлив развој и правилно искористување на потенцијалите на регионот.


