МВР на регионална работилница во Тирана: Како до транспарентност без загрозување на истрагите за организиран криминал
Помошникот на министерот за внатрешни работи за односи со јавност и стратешки прашања, Мухамед Исмаиљи, учествуваше и се обрати на регионалната работилница „Од истрага до информирање на јавноста: Унапредување на соработката меѓу правосудството и медиумите во борбата против организираниот криминал во Западен Балкан“, која се одржа во Тирана, Република Албанија, во организација на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), EU4FAST и Sustain Media.
Во своето обраќање на тема „Транспарентност без загрозување на истрагата – улогата на институционалната комуникација во борбата против организираниот криминал“, Исмаиљи ја истакна важноста на навременото, точно и одговорно информирање на јавноста, со истовремено почитување на законските и оперативните ограничувања во текот на истражните постапки.
„Борбата против организираниот криминал не подразбира само откривање и процесуирање на криминални активности. Таа подразбира и градење доверба во институциите, а довербата во голема мера зависи од нивната транспарентност, професионалност и одговорност во комуникацијата со јавноста“, порача Исмаиљи.
Тој посочи три клучни аспекти за успешна институционална комуникација во случаите на организиран криминал:
- Воспоставување рамнотежа меѓу транспарентноста и заштитата на истрагите;
- Градење партнерски однос со медиумите;
- Зајакнување на меѓуинституционалната и регионалната соработка.
Осврнувајќи се на искуствата на Министерството за внатрешни работи, Исмаиљи нагласи дека јавноста има право на информации, но нивното објавување мора да биде внимателно координирано со полициските и правосудните органи за да не се загрозат доказите и текот на истрагите.
„Нашата цел не е да објавиме што е можно повеќе информации, туку да обезбедиме точни, проверени и релевантни информации во момент кога нивното споделување нема да ја загрози постапката“, потенцираше тој.
Посебен акцент беше ставен на улогата на медиумите како значаен партнер во пренесувањето јавни апели и информации од граѓаните кои помагаат во откривањето криминални активности, но и на предизвиците што ги носи брзото ширење дезинформации и шпекулации на социјалните мрежи.
„Транспарентноста и заштитата на истрагата не треба да се третираат како спротивставени цели. Напротив, одговорната институционална комуникација е токму механизмот преку кој тие две обврски можат да се усогласат. Нашата заедничка цел е јасна: јавноста да биде информирана, граѓаните да имаат доверба во институциите, а истрагите да се спроведуваат професионално и без непотребни ризици“, заклучи Исмаиљи.


