Во 7 часот утрово официјално започна првиот круг од локалните избори 2025 – осми по ред од осамостојувањето на државата. Од Државната изборна комисија потврдија дека сите 3.474 избирачки места низ земјата се навреме отворени, а гласањето ќе трае до 19:00 часот.
Право на глас имаат 1.832.415 граѓани, кои денеска избираат 309 градоначалници и советници на локално ниво. Вкупно се поднесени 576 листи за членови на општинските совети, со дури 10.490 кандидати ширум Македонија.
Вчера, своето право на глас го искористија затворениците, лицата во домашен притвор, болните и немоќните лица, како и жителите на старските домови.
Според најавите од ДИК, првите податоци за излезноста и текот на изборниот ден ќе бидат објавени на прес-конференција во 9:30 часот, а првичните резултати од изборите ќе бидат познати во рок од 12 часа по затворањето на гласачките места.
Денешното гласање се одвива под зголемени мерки за безбедност и транспарентност, а ДИК најави дека внимателно ќе ги следи сите пријави за евентуални неправилности.