Мисијата за набљудување на локалните избори на ОДИХР, заедно со Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа и Европскиот парламент, оцени дека изборите одржани на 19 октомври биле конкурентни и им овозможиле на гласачите реален избор меѓу различни политички алтернативи, но биле засегнати од правни недостатоци, ограничени институционални капацитети и висока политичка поларизација.
Шефот на мисијата, Матео Мекачи, истакна дека иако изборната администрација генерално ги спровела подготовките ефикасно и во согласност со законските рокови, празнините во законодавството, застарната инфраструктура и ограничените ресурси негативно влијаеле врз целокупниот процес.
„Беше позитивно да се види конкурентна кампања и претежно мирен изборен ден, но недостатоците во изборното законодавство продолжуваат да го поткопуваат работењето на институциите“, нагласи Мекачи.
Проблеми забележани од набљудувачите
Меѓународните набљудувачи констатирале дека:
- Основните слободи биле почитувани, а кандидатите можеле слободно да водат кампања, но биле забележани злоупотреба на јавни ресурси, притисоци врз вработени во јавниот сектор, заплашување на гласачи и купување гласови.
- Финансирањето на кампањите ги фаворизирало поголемите партии, додека малите партии и независните кандидати имале ограничени можности.
- Правната рамка обезбедува техничка основа за избори, но содржи бројни празнини и различни толкувања, особено по одлуката на Уставниот суд од мај за бројот на потписи потребни за независни кандидати и интервенцијата на ДИК, која поставила прашања за принципот на поделба на власта.
- Недоволно било застапено учеството на жените кандидатки, а гласачите со попреченост и постари лица се соочиле со ограничен пристап до гласачките места.
- Забележани се застои при работењето на уредите за биометриска идентификација, а некои гласачи имале проблеми со тоа во која кутија треба да го стават гласачкото ливче. Мисијата препорачува да се користат поизразени бои за разлика на ливчињата на следните избори.
Мекачи посочи дека решавањето на прашањата поврзани со финасисрањето на кампањата и еднаквите можности за медиумска застапеност ќе биде во фокусот и во вториот круг на изборите што ќе се одржи на 2 ноември.
Мисијата за набљудување била составена од 275 набљудувачи од 40 земји, меѓу кои 253 експерти на ОБСЕ/ОДИХР, 15 членови од Конгресот на Советот на Европа и седум европратеници.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк