Во центарот на Скопје е откриена голема кражба на електрична енергија. Четиризвезден хотел на улицата „Луј Пастер“ бил нелегално приклучен на електромрежата, соопшти Електродистрибуција на социјалните мрежи.
„При техничка контрола во станбена зграда која граничи со хотелот, нашите екипи пронајдоа три нелегални и изгорени кабли, резултат на преголема оптовареност“, наведуваат од компанијата.
Каблите веднаш беа исклучени поради директна и сериозна опасност од пожар. Дополнителната контрола открила дека хотелот повторно се приклучил на еден од нелегалните кабли.
Екипите биле попречени при влезот во хотелскиот објект, но случајот е документиран, а за истиот е поднесена пријава за нелегално приклучување на мрежата и предизвикување на општа опасност од пожар до Министерството за внатрешни работи.
















