Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати остри критики кон европските лидери, тврдејќи дека „Европа сака војна“ и „си игра со оган“. Во интервју за радио Кошут, тој посочи дека светот се наоѓа на почетокот на нова трка во вооружување, а Европа, наместо да се стреми кон мир, се движи кон конфликт, пренесува 24.hu.
Орбан ја спореди сегашната безбедносна ситуација со периодите пред светските војни. „Ако гледаме во минатото, се појавуваат две аналогии: периодот пред Втората светска војна, кога Хитлер напредуваше без да биде запрен, и пресретот на Првата светска војна, кога сите сакаа нешто, но никој не сакаше голема војна, а сепак таа се случи“, рече тој, споредувајќи ја денешната состојба со минатото.
Премиерот ја критикуваше реториката на европските лидери, истакнувајќи дека се изговараат тешко верливи изјави, како зборовите за вооружување на Германија или изјавите на Урсула фон дер Лајен дека Европа треба да биде подготвена за војна во рок од пет години. Орбан нагласи дека Унгарија мора да се заложи за мир.
Според него, единствено Украинците сакаат војна, што е разбирливо бидејќи водат патриотска борба, додека Америка не сака конфликт. „Европа сака војна, иако Русите веќе се подготвени да прифатат прекин на огнот. Секој кој верува дека Украина може да победи во војна, греши“, додаде Орбан.
Унгарскиот премиер ја истакна „Коалицијата на волјата“ како пречка за мировните напори, објаснувајќи дека таа е подготвена да испрати други во конфликт во кој тие сами ќе загинат, но тоа нема да донесе резултат. Орбан се надева дека американската, миротворна позиција ќе победи во дебатата со Европа и нагласи дека и Ватикан, како и влади во Словачка и Чешка, се залагаат за мир.
Орбан исто така се осврна на претстојната средба со Доналд Трамп на 7 ноември во Вашингтон, на која ќе се разговара за мирот, економските прашања и соработка. Во врска со енергетската зависност на Унгарија од Русија, Орбан повтори дека земјата без излез на море е ограничена на постојните патишта за снабдување, кои главно доаѓаат од Русија.
Не дознавај последен- читај ПРВ.мк














