ПРВ.мк
Свет

ПЕНТАГОН ГО ОДОБРИ ИСПРАЌАЊЕТО НА РАКЕТИ „ТОМАХАВК“ ЗА УКРАИНА – ТРАМП ГО СМЕНИ СТАВОТ ПО РАЗГОВОР СО ПУТИН!

ПЕНТАГОН ГО ОДОБРИ ИСПРАЌАЊЕТО НА РАКЕТИ „ТОМАХАВК“ ЗА УКРАИНА – ТРАМП ГО СМЕНИ СТАВОТ ПО РАЗГОВОР СО ПУТИН!
Kristal

Пентагон официјално ѝ даде зелено светло на Белата куќа за испорака на ракети „Томахавк“ со долг дострел на Украина, откако утврди дека таквиот потег нема да го ослаби американскиот воен арсенал. Со оваа одлука, конечната политичка одговорност сега паѓа врз претседателот Доналд Трамп, пренесува CNN, повикувајќи се на тројца високи американски и европски претставници запознаени со темата.

Иако воените власти дале позитивна оценка, Трамп изненади со својот став за време на работниот ручек со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа. Наместо да најави поддршка, Трамп изјавил дека претпочита да не испорачува ракети на Украина, бидејќи, како што рекол, „не сака да ги дава работите што им се потребни за да ја заштитат својата земја“.

Украинската страна, според изворите на CNN, инсистирала да ги добие „Томахавките“ за да може поефикасно да ги погодува нафтените и енергетските постројки во внатрешноста на Русија. Овие ракети имаат дострел до 1.600 километри, што им овозможува да погодат цели далеку од фронтот.

Двајца европски претставници изјавиле дека проценката на Здружениот штаб на вооружените сили на САД дала дополнителна надеж на европските сојузници, кои сметале дека Америка веќе нема оправдување да ја одложува испораката на оружјето. Трамп, само неколку дена пред средбата со Зеленски, дури и јавно изјавил дека „САД имаат многу томахавки“ кои потенцијално би можеле да бидат предадени на Украина.

Сепак, ситуацијата се променила драстично. Само неколку дена подоцна, за време на воведниот говор на истиот ручек со Зеленски, Трамп изјавил дека на САД „им се потребни томахавките“, што предизвикало изненадување кај присутните претставници. Според извори на CNN, зад затворени врати му порачал на Зеленски дека Вашингтон нема да ги обезбеди ракетите – барем не засега.

Одлуката дошла еден ден по телефонски разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Според информациите, Путин го предупредил Трамп дека испораката на „Томахавк“ би можела да ги погоди руските метрополи – Москва и Санкт Петербург, што нема значително да го смени исходот на бојното поле, но драматично би ги нарушило односите меѓу САД и Русија.

Со ова, прашањето за испораката на „Томахавк“ ракети останува отворено и крајно политички чувствително, а светот внимателно следи дали Трамп ќе ја промени својата позиција или ќе го послуша предупредувањето од Кремљ.

Escape