На 31 октомври 1975 година, британската легенда Queen го објави синглот „Bohemian Rhapsody“, песна што засекогаш го промени музичкиот пејзаж. Ова ремек-дело од албумот A Night at the Opera, композиција на Фреди Меркјури, трае повеќе од шест минути и води слушателот низ емоционално музичко патување — од баладска нежност, преку хард рок експлозија, до оперска драма спакувана во еден неповторлив микс.
Со текот на годините, песната стана глобален феномен. Во 2018 година, „Bohemian Rhapsody“ беше прогласена за најстримуваната песна од 20 век, со повеќе од 1,6 милијарди слушања, а денес е сметана за една од најголемите песни во историјата на музиката. Во чест на нејзиниот јубилеј, издвоивме пет највпечатливи и неочекувани изведби што го покажуваат универзалниот дух на Queen.
1. Flashmob во Париз Замислете дека шетате низ романтичните улици на 5-ти арондисман, и одеднаш од прозорецот започнува да се слуша „Bohemian Rhapsody“. За неколку секунди, триесет музичари и пејачи се појавуваат и создаваат спонтана верзија на култниот хит. Оваа изведба, организирана од пијанистот Жулиен Коен, има повеќе од 17,6 милиони прегледи на YouTube и ја пренесува чистата радост и љубов кон музиката.
2. Зулу верзија Во 2025 година, Ndlovu Youth Choir од Јужна Африка ја претстави официјално одобрената преведена верзија на песната на јазикот зулу. Хорот, кој дава можност на млади таленти од сиромашни средини да настапуваат дома и во странство, ја спои африканската духовност и енергија со универзалноста на Queen. Членовите на бендот и фондацијата Mercury Phoenix Trust лично ја одобрија адаптацијата, што ја прави верзијата уште поценета.
3. A Cappella изведба од Pentatonix Американската вокална група Pentatonix во 2017 година ја изведе целата песна без ниту еден инструмент. Нивната неверојатна техника ја имитира звукот на тапани и гитара, претворајќи ја оваа верзија во вистински подвиг на човечкиот глас. Ова е омаж на оригиналот и доказ за бескрајната креативност на вокалното изразување.
4. Младата генијалка Ангелина Џордан Норвешката пејачка Ангелина Џордан го освои светот како осумгодишно чудо, а на 14 години ја изведе „Bohemian Rhapsody“ во американската верзија на Got Talent. Со само пијано и тивка електрична гитара, таа создаде интимна и емотивна интерпретација која ја воодушеви публиката и подоцна беше снимена и во студиска верзија.
5. Muppets верзија Најнеочекуваната интерпретација дојде од светот на детската забава. Во 2009 година, The Muppets објавија хумористична, но верна верзија на оригиналниот спот, со Кермит, Гонзо и Мис Пиги во главните улоги. Видеото собра над 192 милиони прегледи, докажувајќи дека „Bohemian Rhapsody“ може да ги надмине сите жанрови, па дури и светот на марионетите.
Бонус: Верзија со необични инструменти Неколку креатори на YouTube го претставија гитарското соло на Брајан Меј со клешти, шишиња и пластични цевки. Интересна комбинација на талент, креативност и хумор, која повторно покажува дека магијата на Фреди Меркјури е вечна.
Половина век подоцна, „Bohemian Rhapsody“ останува песна што инспирира, зближува и предизвикува восхит. Без разлика дали ја слушате во флешмоб во Париз, со хор, детски глас или со необични инструменти — магијата на Фреди Меркјури никогаш не исчезнува.
Не дознавај последен- читај ПРВ.мк















