Министерството за образование и наука (МОН) објави дека од понеделник, 15 септември, до петок, 19 септември, наставата во основните училишта „Крум Тошев“, „Његош“, „Вера Јоциќ“ и „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба ќе се одвива онлајн, без физичко присуство на учениците.
Одлуката е донесена поради пожарот во Трубарево и препораките од Државниот инспекторат за животна средина. На итна седница, Владата донесе заклучок наставата во четирите училишта да се реализира преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.
Министерството ги извести училиштата да ја организираат наставата според новонастанатите услови, за да се обезбеди непречено и безбедно учење за учениците.