По вчерашниот пожар во складиште за рециклирање отпад во скопско Трубарево, четири лица побарале помош, а сите се надвор од животна опасност. На Клиниката за токсикологија е хоспитализирана една жителка на Трубарево со коморбидитети, додека припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи и полицаец веќе се пуштени на домашно лекување.
Министерот за здравство Азир Алиу информира дека пациентката се третира соодветно, се прават дополнителни анализи и се надева дека бргу ќе биде пуштена дома. Министерството формираше кризен штаб по пожарот и ги воведе протоколите за заштита на граѓаните.
Алиу најави дека Владата ќе донесе одлука учениците од училиштата во непосредна близина на пожарот една недела да следат настава онлајн.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, потврди дека според нивниот мониторинг нема отстапки во параметрите за радијација во воздухот. Дополнителни анализи ќе се направат и за почвата и водата. Таа апелира граѓаните, особено ранливите групи, да ги следат дадените препораки за да се избегнат здравствени проблеми.
ИЈЗ нема да спроведува физичко-хемиски анализи, туку мониторинг на квалитетот на воздухот, почвата и водата, како и радијацијата. Во моментот нема отстапувања од минимумот на параметрите за радиоактивност во воздухот.