Министерот за животна средина Панче Тошковски денеска остро оцени дека четирите пожари што избувнале на депонии во Скопје за само три дена не можат да се сметаат за случајност. Според него, досега над 40 лица се лишени од слобода во врска со овие инциденти, а дел од нив се во притвор, иако засега не е утврдена организирана поврзаност меѓу нив.
Тошковски потенцираше дека вакви пожари како оној во Трубарево се случиле и во Франција, Белгија, Литванија и други земји, што укажува дека проблемот е глобален. Тој истакна дека, иако инфраструктурата и капацитетите на државата се ограничени, се преземени сите можни мерки за справување со ситуацијата.
На терен се распоредени булдожери, припадници на МВР и Армијата, а пожарот продолжува да гори, при што дрвјата и батериите достигнале температура од 500 степени. Министерството за здравство и други институции обезбедиле Н95 маски за жителите, а посебни кислородни маски се користат за екипите кои се наоѓаат директно во жариштето.
Загаденоста е највисока во периметар од 150 метри од пожарот, средна до 200 метри и ниска до 400 метри, а над 400 метри не е констатирана загаденост. Специјализирани мерни инструменти на Министерството за одбрана не покажале радиолошка опасност.
Тошковски нагласи дека ова е прв ваков пожар на ваков тип на фабрика во Македонија и додаде дека иако постојат проблеми со капацитетите за справување со вакви катастрофи, тој нема срам да работи за граѓаните и дека институциите преземаат се што е во нивна моќ за да ги заштитат жителите.
Министерот потврди дека, по насока на Јавното обвинителство, три лица се во полициска станица во врска со дозволите и работата на фабриката за батерии, а жителите во опасната зона се известени за евакуација и добиле инструкции за заштита.