Мајката на судијата Ѓоко Ристов, Донка Ристов, пред судот дала свое објаснување за потеклото на околу 350.000 евра кои полицијата ги пронашла сокриени во ѕид.
Според нејзиниот исказ, парите биле семејна заштеда создадена во текот на повеќе години од продажба на земјоделски производи.
Таа пред судот изјавила дека куќата била изградена во 1975 година и дека уште оттогаш имала тајно место каде ги чувала заработените пари.
Како што навела, таа и нејзиниот сопруг Здравко продавале бостан, дињи, пиперки и други земјоделски производи на пазари низ земјава.
Заработката, според нејзиниот исказ, најпрво ја менувале во германски марки, а подоцна во евра, по што парите ги чувале во ѕидот бидејќи немале доверба во банките.
Мајката на Ристов тврдела и дека за приходите воделе евиденција во тетратка.
Според информациите од судењето, сличен исказ дал и таткото на обвинетиот.
Во постапката биле разгледувани и прашања поврзани со веродостојноста на нивните сведочења, при што било посочено дека станува збор за родители на обвинетиот и дека нивните искази треба да се оценуваат заедно со останатите материјални докази.
На рочиштето сведочел и крим-техничар од Неготино кој учествувал во претресот и во евидентирањето на пронајдените пари.
Тој изјавил дека при постапувањето не носел форензичко одело ниту заштита за обувките, но користел ракавици.
Одбраната врз основа на ова тврди дека постои можност доказите да биле контаминирани.
Адвокатите на Ристов посочиле и дека тој бил присутен при претходен претрес на 29 декември и дека помагал при постапката, поради што, според нив, е можно на одредени предмети да останале негови ДНК траги.
Одбраната најавила дека нивни вештаци дополнително ќе ги образложат наодите поврзани со ДНК анализите.
На Ѓоко Ристов му се суди под обвинение за незаконско стекнување и прикривање имот, а наводите за потеклото на парите и доказите во предметот допрва треба да бидат оценети од судот.










