ПРВ.мк
Македонија

Лажна или нецелосна документација за вакцини? Имало обиди за заобиколување на системот

Лажна или нецелосна документација за вакцини? Имало обиди за заобиколување на системот

И покрај законската обврска за комплетен вакцинален картон при запишување во градинка и училиште, и понатаму има родители кои се обидуваат да го заобиколат системот, изјави проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација.

Во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Грозданова посочи дека има случаи во кои родители се обидуваат да приложат нецелосна или невалидна документација за вакцинација.

Таа нагласи дека, иако основното образование е задолжително, задолжителна е и вакцинацијата, а заштитата од заразни болести, според неа, е право на секое дете.

Грозданова потсети на епидемиите на морбили од 2018 и 2019 година како пример за тоа што може да се случи кога опфатот со имунизација ќе се намали.

Според податоците што ги изнесе, тогаш биле регистрирани 1.901 случај на морбили и четири смртни случаи.

„Да имаме смртни случаи од болест што може да се спречи со ефикасна вакцина во 21 век е навистина поразително“, порача Грозданова.

Таа предупреди дека морбилите не треба да се третираат како безопасна детска болест, бидејќи можат да предизвикаат сериозни компликации, а дел од последиците може да се појават и подоцна.

Сепак, според неа, во последниот период има и позитивен тренд во однос на свеста кај родителите и младите.

Особено го посочи интересот за ХПВ вакцинацијата.

Грозданова наведе дека има случаи во кои млади девојчиња и момчиња самостојно се информираат и доаѓаат да ја примат вакцината, иако нивните родители претходно не донеле таква одлука.

Според неа, тоа покажува дека кај помладите генерации расте свеста за значењето на превенцијата и здравствената заштита.

Грозданова потсети дека ХПВ инфекцијата е поврзана со развој на одредени видови карциноми, поради што вакцинацијата има важна превентивна улога.