ПРВ.мк
Македонија

Можно проширување на возраста за ХПВ вакцинација – Комисијата најавува нови чекори

Можно проширување на возраста за ХПВ вакцинација – Комисијата најавува нови чекори

Интересот за ХПВ вакцинацијата во Македонија бележи позитивен тренд, но и натаму е потребна поголема информираност кај родителите и младите, особено кога станува збор за вакцинацијата на момчињата.

Ова го истакна проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според Грозданова, една од дилемите со кои здравствените работници често се соочуваат е поврзувањето на ХПВ инфекцијата исклучиво со сексуалната активност.

Таа посочи дека дел од родителите се прашуваат зошто нивното дете би требало да се вакцинира на 12-годишна возраст против инфекција која се пренесува по сексуален пат.

Токму затоа, според неа, е потребно дополнително објаснување дека целта на вакцинацијата е заштитата да се создаде пред евентуалното изложување на вирусот.

Грозданова нагласи дека ХПВ не претставува здравствен ризик само за жените.

Одредени типови на вирусот се поврзуваат со повеќе видови карциноми кај двата пола, а таа посебно го посочи орофарингеалниот карцином.

Според неа, се забележува пораст на ваквите заболувања, кои во одредени случаи можат да бидат откриени подоцна во споредба со карциномот на грлото на матката, за кој постојат редовни гинеколошки скрининг-прегледи.

Како пример за висок опфат со вакцинација, Грозданова ја наведе Австралија, каде подолг период се вакцинираат и момчиња и девојчиња.

Таа посочи дека карциномот на грлото на матката и натаму претставува значаен здравствен проблем во Македонија и дека превентивната улога на ХПВ вакцинацијата треба да биде дел од пошироката здравствена едукација.

Според Грозданова, токму кај ХПВ вакцината во последните години се забележува раст на интересот и опфатот.

Таа смета дека советувањето и континуираната едукација имаат клучна улога во тоа родителите и младите подобро да ги разберат придобивките и целта на вакцинацијата.

Грозданова најави и можност за проширување на возрасната граница за ХПВ вакцинација, како дел од идните активности за унапредување на имунизацијата против овој вирус.