Македонија и понатаму се вбројува меѓу земјите со повисок ризик од туберкулоза, а бројот на нови случаи не покажува стабилен тренд на намалување, изјави проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација.
Во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, таа посочи дека состојбата во Македонија се разликува од дел од земјите во регионот.
Како пример ја наведе Хрватска, која, според неа, денес е поблиску до категоријата земји со низок ризик, додека Македонија сè уште останува во групата со повисок ризик.
Грозданова презентираше и податоци според кои во моментов се хоспитализирани 95 возрасни пациенти со туберкулоза, а 83 од случаите биле регистрирани во текот на 2026 година.
„Секоја година имаме нови случаи. Не почнува да опаѓа, туку има нови случаи“, порача таа.
Кај децата, според информациите од Клиниката „Козле“, во 2025 година биле регистрирани 15 случаи на туберкулоза, додека во 2026 година досега има 12 случаи.
Во моментов три деца се хоспитализирани во „Козле“.
Грозданова потсети дека и во претходните години во земјава биле регистрирани локализирани жаришта на туберкулоза, што, според неа, покажува дека болеста и натаму е присутна.
Таа посочи дека статусот на Македонија како земја со повисок ризик може да има практично значење и при патувања или студирање во странство, каде во одредени случаи може да се бара доказ за БСЖ вакцинација или тестирање за туберкулоза.
Како уште еден пример за враќање на заразни болести, Грозданова ја посочи епидемијата на пертусис во периодот 2024-2025 година.
Според неа, дел од помладите лекари тогаш за првпат во професионалната практика се соочиле со пациенти со магарешка кашлица.
Грозданова нагласи дека не станувало збор за нова болест или нова вакцина, туку за последици од намален опфат со вакцинација.
Таа предупреди и на ризикот од повторна појава на полиомиелитисот.
Иако полиото е елиминирано во Македонија и во голем дел од Европа, вирусот и понатаму циркулира во земји како Авганистан и Пакистан.
Зголемената глобална мобилност и миграцијата, според неа, дополнително го олеснуваат пренесувањето на заразните заболувања меѓу различни региони.
Грозданова смета дека едукацијата е еден од најважните механизми за превенција.
Таа нагласи дека здравствената едукација треба да започне уште во градинките и училиштата – од основни хигиенски навики, па сè до разбирање на улогата на превенцијата и вакцинацијата.
„Патогените циркулираат и неслучајно вакцинираме против тие болести“, порача Грозданова, додавајќи дека покрај информираноста е потребен и стабилен и функционален здравствен систем.










