Цела Македонија утре ќе биде под жолт метеоаларм поради екстремно високите температури, кои во одредени делови од земјата ќе надминат 40 степени, информира УХМР.
Во сабота нè очекува сончево и многу топло време, со мала до умерена локална облачност. Попладне, главно во планинските региони, ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Многу топло ќе остане и во Скопје.
Промена на времето се очекува од недела. Температурите и натаму ќе достигнуваат до 40 степени, но во попладневните часови ќе има зголемена нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално се најавуваат услови и за невреме со силен ветер и град.
Слично време се очекува и во понеделник, кога максималните температури ќе се движат до околу 38 степени.
Во меѓувреме, мерењата на УХМР покажуваат ниски водостои на реките карактеристични за летниот период. Особено се издвојува Дојранското Езеро, чиј водостој е 102 сантиметри под договорениот минимум.








