Почнувајќи од 17 часот по македонско време (18 часот по локално), грчките земјоделци повторно ќе го блокираат граничниот премин Евзони кон нашата земја, јавува дописничката на МИА од Атина. Блокадата ќе трае шест часа, односно до полноќ по грчко време (23 часот по македонско).
Како и во претходните денови, забраната ќе важи за сите видови возила – товарни камиони, патнички автомобили и автобуси, што ќе предизвика сериозни проблеми за патниците и транспортните компании.
Грчките земјоделци и вчера попладне во истиот термин го блокираа Евзони. Во однос на плановите за наредните денови, според информациите на МИА, одлуките и понатаму ќе се носат во последен момент, особено откако земјоделците изразија подготвеност во вторник да одржат средба со грчкиот премиер.
Паралелно со ова, на граничниот премин Ники (Меџитлија), како што информира АМСМ, е воведена забрана за движење на товарни возила, која ќе важи до утре до 10 часот.
Вчера претпладне, земјоделците низ цела Грција ја започнаа најавената 48-часовна блокада на патишта и клучни сообраќајници. По новата покана за дијалог од страна на Владата, тие решија да повлечат дел од блокадите на споредните патишта, но тракторите и натаму остануваат на автопатиштата, што создава сериозни сообраќајни застои.
Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, упати официјална покана земјоделците во вторник да се сретнат со премиерот Киријакос Мицотакис, но под два јасни услови: делегацијата да ги претставува сите земјоделски блокови и дијалогот да се одржи со отворени патишта.
Земјоделците ја прифатија поканата и утре напладне ќе одржат состанок на кој ќе ја одредат делегацијата за средбата во Атина, како и темите и барањата што ќе ги постават пред премиерот.
Грчката Влада во средата ги образложи мерките за поддршка на земјоделците, но јасно стави до знаење дека нема простор за дополнителни отстапки.
Протестите на земјоделците во Грција започнаа на 30 ноември и траат повеќе од 40 дена, со секојдневни блокади на патишта и гранични премини низ целата земја, што сè повеќе влијае врз регионалниот сообраќај и економијата.
















