Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка против виш јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола, под сомнение дека примал награда во замена за противзаконито влијание.
Според Обвинителството, со примена на посебни истражни мерки биле обезбедени докази кои создаваат основано сомнение дека обвинителот ја користел својата службена положба и влијанието што го имал за да влијае врз одлуки на други обвинители и судии.
Истрагата опфаќа најмалку четири различни кривични предмети. Според досега собраните сознанија, обвинителот ургирал за изрекување пониски казни или за обезбедување поповолна процесна положба за одредени осомничени и обвинети лица.
За обезбедување дополнителни докази, во текот на вчерашниот ден, по добиена судска наредба, биле извршени претреси во домот на осомничениот, како и во просториите на Вишото јавно обвинителство во Битола.
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост.
Со предлогот се бара на осомничениот да му биде одземена патната исправа, а истовремено да му биде забрането вршење на определени работни активности. Побарано е и негово отстранување од работното место додека трае постапката.
Истрагата продолжува, а Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција засега не го соопштува идентитетот на осомничениот.
Сите наводи се предмет на истрага, а осомничениот се смета за невин сè до донесување правосилна судска одлука.





