ПРВ.мк
Македонија

НОВ УДАР ЗА ХАШИМ ТАЧИ: Обвинителите во Хаг бараат шест години затвор поради влијание врз сведоци

НОВ УДАР ЗА ХАШИМ ТАЧИ: Обвинителите во Хаг бараат шест години затвор поради влијание врз сведоци

Хашките обвинители побараа поранешниот лидер на ОВК, Хашим Тачи, да биде осуден на шест години затвор во одвоениот процес во кој е обвинет за откривање на идентитетот на заштитени сведоци и незаконско влијание врз нив.

Според обвинителството, Тачи се обидувал да влијае врз сведоци во главниот процес за воени злосторства во Косово и Албанија од 1998 и 1999 година, со цел да ја подобри својата позиција пред судот.

Тачи, кој е во притвор во Хаг од 2020 година, е обвинет дека во текот на летото и есента 2023 година на свои посетители им откривал информации за шест заштитени сведоци и преку нив испраќал инструкции за тоа како тие да сведочат.

Обвинителите тврдат дека тој печател изјави на сведоци во притворот, правел корекции кои оделе во прилог на неговата одбрана, а потоа преку соработниците се обидувал изменетите позиции да стигнат до сведоците.

Во судницата биле пуштени и снимки од разговори за кои обвинителството тврди дека покажуваат како Тачи открива информации за заштитени сведоци и дава насоки поврзани со нивните искази.

Главната обвинителка Кимберли Вест оцени дека Тачи, соочен со можноста за долга затворска казна, се обидел да го наруши судскиот процес преку влијание врз сведоците.

Меѓу сведоците кои се споменуваат се и поранешните команданти на ОВК Рустем Мустафа, познат како „Реми“, и Бисљим Зирапи. Според обвинителството, целта била да се ублажи претставата дека ОВК функционирала како организирана воена структура и дека Тачи имал командна улога.

За сообвинетите Фадиље Фазлиу, Исниј Киљај и Башким Смакај обвинителите побараа по три години затвор, додека за Хајредин Кучи е побарана казна од девет месеци.

Обвинителството бара евентуалната шестгодишна казна на Тачи да почне да се извршува дури по казната што би можела да му биде изречена во главниот процес за воени злосторства. Пресудата во тој предмет е најавена за 16 септември.

Сите обвинети во процесот за влијание врз сведоци се изјасниле дека не се виновни. Завршните зборови на обвинителството и одбраната продолжуваат утре.